Борба за јавните простори во Општина Центар

Словенија преку Уставот го заштити правото на питка вода како едно од основните човекови права
јуни 8, 2019
Одбиено барањето за издавање дозвола на рудникот Иловица
јули 4, 2019

Борба за јавните простори во Општина Центар

Едно од најзагрозените права на граѓаните од Општина Центар е правото на јавен простор. Веќе подолго време постоењето, достапноста и пристапот кон зелени површини, плоштади, рекреативни катчиња, нерегулирани заеднички простори и сите останати форми на јавни површини во Општина Центар се прилично ограничени. Кулминацијата на насилството врз јавните површини, а со тоа и врз квалитетот на живот во оваа општина достигна крајни граници во нерационалните градежни проекти на минатата власт, како и во неконтролираното градење од страна на приватниот сектор. Урбанистичкото насилство во општината е прилично упадливо и тоа се забележува од игнорантните инфраструктурни решенија на сметка на градското зеленило и пешачки површини, до најбруталното узурпирање на јавните површини во насока на нивна политичка идеологизација, односно нивна комодификација од страна на економската моќ во градот.

Примери од овој вид се проектот Скопје 2014 и постојаната офанзива на градежната мафија, кои често кохезивно се надополнуваат. Еден од обидите да се спречи неконтролираната и нехуманата трансформација на Општина Центар, а со тоа и падот на квалитетот на живот во оваа оштина, беше Мораториумот на градските ДУП-ови (вкупно 24 на број), со кој е спречена изградбата на околу 300 нови објекти во централното подрачје, кои не се во согласност со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Овој мораториум на 24 Детални урбанистички планови на Општината, беше донесен по одлуката на Уставниот суд на Р.С.М да го поништи претходниот мораториум на ДУП-овите, донесен исто така од советот на Општина Центар. Претходно иницијативата за преиспитување на одлуката за мораториум на ДУП-овите до Уставниот суд на Р.С.М беше доставена од страна на Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Северозападна Македонија. Со ова лесно може да се лоцира во служба на чив интерес се ставил Уставниот суд на РСМ при донесувањето на својата одлука.

Дваесет и четирите Детални урбанистички планови, кои се опфатени со новиот мораториум, изобилуваат со мегаломанство, непресметани и несовесни решенија за одредени делови на градот што во голема мера го нарушуваат квалитетот на живот на граѓаните и се во спротивност со нивниот долгорочен интерес.

Меѓу 24-те блокирани ДУП-ови е оној во кој се предвидени три 60 катници поврзани со згради од по 20 ката на местото каде што денес се наоѓа паркингот наспроти Холидеј Ин. Овој ДУП е донесен уште во 2012 година, додека дури минатата година во јавноста пристигна информацијата дека државното земјиште на кое е денес сместен паркингот било отуѓено на компанија во чие сопствеништво се наведуваат Зоран Антиќ и МПЦ. Изградбата на овие три висококатници покрај паркингот би го опфатила и Ново Маало, во кое катастарот на недвижности покажува 80 приватни имоти, кои за да се реализира проектот, би требало да бидат откупени од потенцијален инвеститор.

Друг проблематичен ДУП е и оној во кој е предвидена целосна трансформација на Маџир Маало преку предвидена изградба на 80 објекти од по седум ката поврзани во блокови. Реализацијата на овој ДУП би направила темелна транформација на овој дел од градот, која генерира дополнителен притисок врз инфраструктурните проблеми во градот, како: сообраќај, паркинг простор, пешачки површини и тн.

Мораториум е донесен и за ДУП-от за населбата Крњево во која исто така се предвидени 70тина објекти.

Од друга страна од мораториумот се опфатени и нереализираните објекти од проектот СК2014, како на пример објектот „Шпански скали“ на градскиот плоштад близу зградата Пелистер и катната гаража наспроти старата железничка.

Според Советот на Општината, овој Мораториум ги опфаќа сите дозволи за градба издадени откако Уставниот суд го оцени претходниот мораториум како неуставен, и не се однесува на градежни зафати како измени во градба, инфраструктурни инсталации, адаптација, реконструкција и тн. Неговата главна цел како што наведуваат од Општината е да се стопираат оние планови кои се во директен судир со Генералниот урбанистички план на Град Скопје во насока на надминување на одредбите за густина на население, неусогласеност на градежно земјиште и тн.

Битката против уништување на квалитетот на живот во Општина Центар не се води само во Советот на Општината туку и надвор од него. Претходниот месец во јавноста се појави јавен повик до централната власт, поточно до Премиерот Зоран Заев, во кој 15 невладини организации, бараат од премиерот да го поддржи мораториумот на Општина Центар или како што самите тие наведуваат:
„- Владата да го поддржи мораториумот на Општина Центар за ревидирање на ДУП Ц08, како и сите други ДУПови кои со стручна анализа се докажани како неусогласени со ГУП, а со тоа погубни за центарот на Скопје.
– Министерството за транспорт и врски и Градот Скопје да дадат јавни изјави и да се обврзат дека нема да издадат согласности за ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП, со Уставот, како и со законите на РСМ.“

Дополнително, во овој јавен повик е застапена и детална аргументација која ги поткрепува барањата до централната власт, како и јасен став околу урбанистичкиот развој на површините опфатени во потенцираните ДУП-ови. Зад овој повик стојат 15 невладини организации, меѓу кои и Плоштад Слобода. Останува да се види колку ќе биде успешна ревизијата ревизијата на замрзнатите ДУП-ови која ја прави Советот на Општината, но и колку притисокот кон надлежните институции од страна на граѓанскиот сектор ќе вроди со соодветен плод.

– С. В.