Град за сите: Модерна за деца – втор викенд

Град за сите: Модерна за деца – прв викенд
април 8, 2019
Град за сите: Модерна за деца – трет викенд
април 22, 2019

Град за сите: Модерна за деца – втор викенд

Фотографија на Наташа Вчкова

Деновиве тимот на Плоштад Слобода го реализира и вториот креативен викенд во рамките на проектот Град за сите: Модерна за деца 2. Овој викенд, како и претходниот, започна со посета и прошетка на две монументални згради од модерната во Скопје. Првата зграда која беше посетена е зградата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Оваа зграда е дело на познатиот македонски архитект Борис Чипан.  Изградена во 1976, зградата на МАНУ на себе го изразува белегот на традицијата, но на еден универзален начин, преку јасен модернистички израз. Зградата користи современи конструктивни системи типични за модерната зграда, но специфично во неа е што употребува локални материјали во комбинација со бетонски детали, одраз на брутализмот од тоа време. Ваквата специфичност на оваа зграда е токму она што ја одржува нејзината уникатност, но и она што ја прави функционална не само кон актуелните потреби на македонската академија туку и на нејзиниот иден развој.

Фотографија на Стефан Видиков

За ова свое дело Борис Чипан во 1976 година ја има добиено најпрестижната награда за архитектура „Борба“,  во тогашната држава Југославија.  Младите учесници во креативниот викенд имаа можност одблизу да се запознаат со ова здание, како и да ги разберат функциите на сите простории во неа преку едукативна прошетка која беше водена од Љубомир Ѓоревски – вработен како архивар во академијата.

Фотографија на Стефан Видиков

На детската љубопитност и беше доловена историјата на Академијата, како и историјата на самата зграда, тие ги разгледаа просториите за состаноци на академиците, свечената сала, конференциската сала, архивот на Академијата, библиотеката, нејзиниот атриум исполнет со скулптури на балкански интелектуалци и уметници – наречен „Балканско соѕвездие“, понатаму ја посетија галеријата во која ја разгледаа моменталната поставка на уметнички дела од Босанската академија на науките и уметностите и на крајот тие уживаа во убавиот поглед кон Скопје што го нуди терасата на бифето на Академијата.

Фотографија на Стефан Видиков

На едукативната тура во зградата на Македонската академија на науките и уметностите децата покрај тоа што стекнаа знаења за архитектонските карактеристики на самата зграда, исто така научија и многу за работата на самата академија. Тие се запознаа со обврските и функциите на академиците, со работата во посебните оделенија на академијата, со нејзините лаборатории, со библиотечната и со архивската дејност на истата. Покрај ова, тие научија дека оваа институција им припаѓа на сите граѓани и дека слободно можат да користат голем дел од услугите што Македонската академија ги нуди (пр. библиотеката, архивот и тн.).

Фотографија на Стефан Видиков

Втората зграда која беше посетена е зградата на Македонската опера и балет. Оваа зграда е изградена во 1979 година и е дело на словенечките архитекти: Стефан Кацин, Јуриј Принцес, Богдан Сплиндер и Марјан Уршич. Таа првично е проектирана како комплекс кој во себе содржел: театар, опера, балет, музичка академија и дел од банка, но за жал останиот дел од комплексот останал до ден денес неизграден. Се смета дека инспирацијата за ова ремек-дело архитектите ја нашле во сликата на Каспар Давид Фридрих насловена како „Морето од мраз“, оттука и самиот објект е скулптурна-архитектура која наликува на санта мраз застаната на брегот на реката Вардар. Таа претставува експлицитен пример на модернизмот и како и другите дела од овој вид има крајно универзална, вонвременска форма.

Фотографија на Стефан Видиков

Младите учесници имаа привилегија да ги запознаат сите простории на МОБ и во целост да ја разберат функционалноста на оваа зграда. Тие ги посетија собите за вежбање, златната сала, малата сала, концертната сала, сценските складилишта, дворот на МОБ, притоа ја разгледаа и целосната макета на овој објект со професионално објаснување на нејзините елементи од страна на архитектите ангажирани во проектот.

Фотографија на Стефан Видиков

Дополнително тие одблизу доживеаја како е да се работи и настапува во Македонската опера и балет, преку средба со вработени во институцијата, но и преку набљудување на проби за настап на оперски пеачи и ансамблот Танец.

Фотографија на Стефан Видиков

Во неделата пак, се одржа ликовната работилница во Младинскиот културен центар. На оваа работилница младите креативци повторно беа предизвикани да го реализираат својот творечки потенцијал, овој пат правејќи макети од стиропор, и скулптури од глина кои тие би сакале да ги видат реализирани во градот. Оваа задача децата ја исполнија со целосна успешност, притоа создавајќи дела кои импресионираат имајќи ја на ум нивната возраст.

Фотографија на Стефан Видиков

Кога се анализираат овие дела се доаѓа до заклучокот дека доколку имаат соодветен увид и професионално педагошко водство во основите на архитектурата и изразниот капацитетот кој таа го поседува, тогаш нивната имагинација неуморно се ангажира во практично создавање на дела кои се изненадувачки креативни, практични, функционални и го почитуваат јавниот, односно заедничкиот простор на граѓаните на еден град.

Фотографија на Стефан Видиков

Покрај иновативноста во нивните дела, на истите забележува белегот од живата интеракција при нивното создавање, односно силно е препознатлив моментот на взаемната сугестија што децата си ја упатуваат меѓусебе во текот на создавањето на овие дела. Според тоа овие детски дела претставуваат и индивидуално детско уметничко дело, но и колективен напор да се обмисли просторот кои сите заедно го споделуваме.

Во рамките на овој проект останува да се реализира и последниот креативен викенд во кој децата ќе учествуваат во работилница која ќе се одвива во сабота (20.04.2019). Дополнително во проектот е предвидена и публикација која ќе се изработи по завршувањето на креативните викенди.