Град за сите: Модерна за деца – прв викенд

Повик за учество на работилница „Град за сите: Модерна за деца 2“
март 27, 2019
Град за сите: Модерна за деца – втор викенд
април 15, 2019

Град за сите: Модерна за деца – прв викенд

Фотографија на Наташа Вчкова

Во неделата заврши првиот креативен викенд во рамки на проектот Град за сите: Модерна за деца 2. Во него учествуваа дваесетина дечиња на возраст од осум до дванаесет години. Овие млади креативци во саботата посетија неколку објекти значајни претставници на модерната во Скопје. Прошетката ја започнаа со посета на Сули Ан, кој иако не припаѓа на овој период, беше избран поради неговата монументалност, и поради тоа што во себе содржи атриум-внатрешен заеднички простор, кој е тема на оваа работилница. Исто така оваа посета им овозможи на децата да направат компарација на објектите градени во минатите векови, наспроти објектите градени во модерната.

Фотографија на Никола Ѓорѓиевски

По посетата и турата на Музејот на Старата Скопска Чаршија, кој се наоѓа токму во просториите на Сули ан, прошетката продолжи кон Музејот на Современа уметност, а заврши во Кампусот на Универзитетот Св Кирил Методиј, односно во просториите на Филозофскиот факултет. При посетите, особено внимание се обрна кон заедничките простори, околу или во објектите: атриумите, тремовите, плоштадите, платоата и сл. Дечињата, при прошетката добија информации и професионално подучување за значењето на објектите, но и за значењето на архитектурата воопшто, за нејзините морални аспекти и особено за важноста и потребата од заедничките градски простори. Едукативно-педагошкиот дел од прошетката го спроведуваа Никола Ѓорѓиевски, Наташа Вчкова и Доротеј Нешовски.

Фотографија на Наташа Вчкова

На истата тура, дечињата беа подучувани во основни познавања на фотографијата и фотографирањето од страна на Гала Насева, при што им беше дадена можност и беа охрабрувани тие самите да ги фотографираат објектите. За нивните знаења да бидат потполни Доротеј Нешовски, кој е ликовен уметник, во текот на прошетката го насочуваше вниманието на дечињата кон изразната страна на модерната кај овие објекти со цел тие да ги препознаат нејзините основни белези. Може да се каже дека оваа прошетка на децата им понуди една интегрална слика за зградите на модерната, за нивната функционалност, за нивниот израз и за нивната конститутивна улога во градскиот живот на Скопје. Може со сигурност да се констатира дека првиот дел од викендот заврши успешно, во креативна и радосна атмосфера.

Фотографија на Наташа Вчкова

Во неделата пак, се одржа ликовната работилница под менторство на Доротеј Нешовски. На неа дечињата беа предизвикани да го остварат својот творечки потенцијал преку цртање и вајање. Главната задача беше тие во слика или во скулптура да ја остварат својата идеја за јавен простор. Таа задача децата ја извршија со задоволство, притоа создавајќи извонредни цртежи и скулптури.

Фотографија на Наташа Вчкова

Индикативно е тоа што во делата кои децата ги направија може да се препознае дека јавните простори, особено интерактивните јавни простори се неизоставна компонента на детската имагинација. Интервенциите во нив, кои тие ги замислуваат, а кои може да се видат на цртежите, се исклучително креативни и сите, без исклучок, покажуваат дека дечињата јавниот простор го доживуваат како близок и неизоставен дел од нивниот живот, како нешто што треба да биде споделено од сите и како нешто кое нуди по некаква смисла и функција за сите кои учествуваат во него. Нивните творби покажуваат дека децата природно имаат етички и рекреативно-функционален пристап кон јавните површини и дека тие не го замислуваат просторот како нешто што остварува исклучителен интерес на некој поединец, туку како нешто кое што е во функција на потребите и развојот на сите граѓани на градот.

Фотографија на Стефан Видиков

Со завршувањето на работилницата, заврши и првиот креативен викенд од проектот Модерна за деца: Град за сите 2. Во вториот креативен викенд е предвидена едукативна тура со посета на објектите на Македонската академија на науките и уметностите, Македонската опера и балет и  Младинскиот културен центар, како и втора ликовна работилница.

Фотографија на Стефан Видиков