Последиците од штетното управување со депонијата Дрисла

Потребна е стратегија за целосно стопирање на рудниците на смртта
август 20, 2019
На 2 октомври Индија забранува одредени пластични продукти за една употреба
септември 24, 2019

Последиците од штетното управување со депонијата Дрисла

Последниве неколку години во континуитет се забележуваат надолни промени во квалитетот на воздухот на територија на целата држава, додека таквата тенденција е особено нагласена во главниот град. Воздушното загадување во Скопје со години е еден од најголемите проблеми на градот. Според досегашните истражувања, се покажува дека загадувањето на воздухот е резултат на мноштво сложени причинители, па оттука сеопфатното решение на проблемот лежи во носењето на комплексна мрежа на социјални, еколошки и урбанистички политики на локално и централно ниво.

Но, иако севкупното решение лежи во холистичкиот пристап кон проблемот, сепак од голема важност е локализирањето на крупните загадувачи на воздухот и преземањето на итни мерки во насока на отстранување или барем нивно посериозно регулирање.

Загадувач од таков вид е депонијата Дрисла. Депонијата е основана од градот Скопје во 1994 година и со неа стопанисува Јавното Претпријатие за депонирање на комунален отпад Дрисла – Скопје. Таа е лоцирана во југоисточниот дел од градот, на оддалеченост на 14 км од централното подрачје во градот. Се простира на површина од 76 ха, и има проектен капацитет од 26.000.000 м3 депониран комунален отпад.

Оваа компанија го привлече вниманието на јавноста во време кога со неа управуваше италијанската фирма ФЦЛ Амбиенте. Оваа фирма оперираше со депонијата „Дрисла“ ДОО од 2013 во форма на јавно-приватно партнерство заедно со Град Скопје и тоа ФЦЛ Амбиенте поседуваше 80% од фирмата, а градот 20%. Таа претходно, тендерот за управување со Дрисла го доби во 2012 година, притоа истиот веднаш беше оспорен од германската компанија „Шолц“, која себе се сметаше како оштетена. Сомнежите околу фирмата ФЦЛ Амбиенте се засилија кога во 2014 година истражувањето спроведено од БИРН покажа дека италијанската фирма не го поседува искуството поврзано со работењето на депонијата бидејќи добила тендер, иако таа е основана само неколку дена пред крајниот рок за доставување понуди.

По добивање на тендерот компанијата вети дека до крајот на 2016 ќе ја запечатат постојната депонија и ќе изградат нова, ќе направат постројка за третман на медицински отпад и дека камионите за собирање смет ќе ги мијат во автоматизирана перална, ќе инвестираат во нови механизација, опрема и административна зграда. Оваа инвестиција беше предвидено да чини 36 милиони евра, меѓутоа како што е наведено во анализата на Призма официјалните бројки на “Дрисла” ДОО покажаа дека за тој период од 3 години биле инвестирани само два милиони евра. Во периодот на 2014 година “ФЦЛ Амбиенте” ја нудела скопската депонија како дестинација за отпад од Италија. Тогашниот извршен директор изјави дека тие имале обид за да увезат отпад но дека Министерството за животна средина не им дозволило.

Што се однесува до загадувањето од страна на Дрисла, според статистика објавена од  Рефлектор, направена врз база на информации добиени од Дрисла-Скопје ДОО, медицинскиот отпад што се гори во депонијата е зголемен за 7,7 пати во периодот 2000-2017 година. Имено во 2000та година биле согорени 115 тони медицински отпад, додека во 2017 дури и 891 тон и покрај тоа што максималниот капацитет на печките во Дрисла изнесува 500 тони.

Поради ова против компанијата беше поведена прекршочна постапка. Беше одлучено компанијата да се казни со 8.500 евра. Прекршочна комисија, покрај глобата, и наложи на депонијата да преземе итни мерки.

Во однос на тие мерки компанијата во април 2018 постави нов филтер на печката за согорување на медицински отпад (инсенератор). Државниот инспекторат за животна средина, кој и ги наложи мерките, во истата прилика соопшти дека инсенераторот не ги исполнува критериумите за дејноста што ја врши. Компанијата одговори дека овој филтер ќе се користи се додека не биде поставена нова печка. Спорната печката за согорување медицински отпад, беше подарок од страна на Велика Британија во 2001 година, и за неа се појави статија во The Guardian во која пишуваше „Владата на Велика Британија и обезбеди на Македонија инсенератор за горење на медицински отпад што би бил нелегален за користење според британскиот закон, поради токсичните емисии кои ги генерира.”

При промената на локалната власт, град Скопје направи неколку обиди да ги реши проблемите околу Дрисла. Во март годинава градот формираше комисија која изврши бодување на трите фирми кои се пријавиле на спорниот тендер и стигнале до втората фаза, односно на „ФЦЛ Амбиенте“, „Шолц“ и „АСА“. Според бодувањето на Комисијата прворангирана излезе компанијата „Шолц“. Оваа ревизија покажа дека компанијата „Шолц“ која сите овие години на суд го оспоруваше тендерот, имала право.

По повторната тужба на „Шолц“ во октомври 2017, Управниот суд донесе одлука Град Скопје да го раскине договорот со „ФЦЛ Амбиенте“ и да склучи нов со „Шолц“. По оваа одлука, на крајот на 2017  Град Скопје поднесе жалба до Вишиот Управен суд, во која бараше да се врати депонијата целосно во сопственост на Градот, па дури потоа да се бара нов концесионер кој ќе биде обврзан да воведе најсовремени технологии за третирање на отпадот во Дрисла. Вишиот Управен суд одлучи по жалбата на Град Скопје лани во јули, со тоа што му наложи на градот да направи нов избор меѓу фирми кои учествуваа на тендерот.

Разрешница на правните спорови околу управувањето на депонијата Дрисла беше потегот на Советот на Град Скопје со кој се поништија претходните договори и постапки за давање на депонијата под концесија и Дрисла како јавно претпријатие премина во целосна надлежност на градот.

Случајот со Дрисла, покажува како со злоупотребување на процедури се узурпира едно од најважните права на човекот – правото на чиста животна средина. Ова право е дополнително загарантирано со тоа што Република Македонија во 1999 година ја ратификуваше Архуската конвенција, во чиј член 9 се предвидува можност граѓаните на суд да бараат остварување на правата во областа на животната средина, во услови кога власта ги крши законите.

Од новата управа на депонијата се очекува превземање низа мерки првично во инвестирање на нова опрема, а потем и промена во динамиката на нејзиното работење.

Од примарно значење се и следниве работи: поставување на нов инсенератор кој ќе ги исполнува потребите на депонијата, намалување на капацитетот на депонијата, односно наместо да согорува во две или три смени како  до сега, таа тоа да го прави само осум часа во текот на денот, да се применат методи за отстранување на опасноста од согорувањето на медицинскиот отпад и др.. Дали депонијата подобро ќе функционира сега кога се наоѓа под управа на градот останува да се види, бидејќи искуството ни покажа дека компаниите во потрага по брз профит се спремни да загрозат многу човечки животи.

С.В.