Збор за новата метропола во дигиталната доба (ПРВ ДЕЛ)

Јавните институции се должни да ги отворат своите дворови за граѓаните и граѓанките
октомври 3, 2018

Збор за новата метропола во дигиталната доба (ПРВ ДЕЛ)

 

Никола Ѓорѓиевски (26), магистер по архитектура, заедно со професорот на Архитектонскиот факултет при УКИМ, Слободан Велевски, е ко-автор на архитектонско-урбанистичкото истражувачко дело Обрасци на раст- неприродни екологии посветено на пејзажот како ново, алтернативно движење во архитектурата. Ѓорѓиевски зборува за неизбежната дискрепанца помеѓу крутиот традиционален урбанизам и метаболизмот во архитектурата, односно неометаболизмот во нашиот град, како и за процесот на надминување на традиционалните навики и отфрлањето на архитектонските стеги кои датираат дури и пред периодот на Модерната.

Преминувањето од модерната до архитектурата на 21-от век е процес кој не неодмина бесчујно. Последиците се и ќе бидат врежани низ улиците на нашата метропола за навек. Колку мислиш дека со влегувањето во новиот век се сменија и функциите на архитектонските градби?

За да гo одговорам овa прашања ќе се повикам на еден од моите омилени архитекти, Андреа Бранзи, италијански архитект и теоретичар на архитектурата. Бранзи ќе каже:
„Модерноста е променета. Цврстата врска помеѓу формата и функцијата е скршена; компјутерот нема една фукнција туку бесконечно многу функции колку што операторот посакува. Од ера на функционалност преминавме во ера на функциониди: инструменти кои немаат една единствена фукнција туку бесконечно многу функции. Нематеријалната реалност на утопијата на XXI век веќе има создадено, де факто динамична, невидлива и апстрактна метропола која прогресивно се населува низ физичката и фигуративна метропола.“

 

Како би ја опишал современата состојба и функционалноста (или дисфункционалноста) на метрополата денес?

 

Би се надоврзал повторно со мислата на Бранзи, иако е навистина апстрактно да говориме за невидливи метрополи, но мора да почнеме од промената урбаноста. Денес, урбаната состојба повеќе не кореспондира со физичката реалност на градот. „ Новата урбаност е составена од сервиси, мрежи од информатички технологии, микроклими, еколошки практики, комерцијални информации итн, но над се, интелигентни структури кои се содржат во архитектурата но не можат да бидат репрезентирани преку архитектонскиот фигуративен код“, пишува Бранзи во својата книга „Weak and Diffused Modernity”.  Заклучно, современата состојба на метрополата не може повеќе да биде основана на формални прашања бидејќи сликата на урбаниот пејзаж повеќе не соодветствува со активностите кои се случуваат во него, во оваа дигитална доба.

Дали новата урбана форма е примарниот фокус на архитектот денес? Колку е важно да се воочи дискрепанцата помеѓу визуелното, естетски убавото и функционалното, и како да се доближат овие параметри еден до друг на поефективен начин?

Загрижувачки е фактот дека многу малку се говори за новата урбана форма во градот. Загрижен сум бидејќи се уште мислам дека сме заглавени во еден семантичен кошмар на постмодерната, како што би кажал Рем Колхас во неговиот текст “What Ever Happened to Urbanism? “. Идејата е дека фокусот треба да биде ставен не кон тоа како зградата изгледа туку каков е нејзиниот перформанс или колективната улога во градот или околината. Зградата повеќе не смее да ужива луксуз на индивидуален објект. Во контекст на програмата и функцијата, ако подот на фабриката е идеалниот простор на модерната, тогаш музејот е идеалниот простор на постмодерната и крајно време е да сфатиме дека не ни е потребен уште еден музеј. Во време на глобални климатски промени, потребно е да ја одвоиме архитектурата од личната експресија бидејќи некогаш зградата претставуваше можност да се подобри човековата состојба, а денес таа се претоври во можност да се искаже човековата состојба. Ваквите практики не делуваат проактивно кон проблемот со околината и загадувањето и остануваат глуви и неми кога се најмногу потребни. Всушност, идејата за зградата како експресивна состојба на човекот е директно во конфликт со нефигуративната динамика на невидливата дигитална метропола на XXI век.


Дали за да ја разбереме структурално новата урбана форма мораме да избегаме од стегите на традиционалното архитектонско творење?

 

Кога размислуваме за новата урбана форма потребно е да се поставиме себеси надовор од архитектонската традиција гледана како формална метафора на архитектонската историја.  Ваквата архитектура е конструирана и воедно ограничена на фигуративен и симболичен код, а денешната архитектура како што се повеќе станува урбана семиосфера така и ги надминува своите конструктивни граници и генерира нематеријални квалитети кои се менуваат често со текот на времето.

 

 

Како пејзажот би можел да стане соодветна алтернатива на градскиот блок кон идејата за нова градска форма? Дали треба комплетно да се напушти пристапот до геометриската архитектура за пејзажот да го заземе новото место како најефективна алтернатива? 

 

Ако е точно дека во една дигитална доба овие нематеријални квалитети се склони на брзи и динамични промени, и ако е точно дека архитектурата која повикува на идентитет е крута, тешко променлива и правопропорционално условена од својот фигуративен код, тогаш нелогично е процесите на создавање градови се уште да бидат втемелени на ваквата строга геометриска методологија. Тука се отвора и темата на разликата помеѓу геометриска и алгебарска архитектура. Првата е зависна од својата геометриска композиција која воедно е и нејзиниот идентитет и лимит. Ако промениме кој било дел од композицијата тогаш доаѓа до промена на вистинската форма и суштина. Алгебарскиот пристап инсистира на пронаоѓање код кој може да биде
редуциран, променет и проширен, но притоа да не ја изгуби својата суштина. Во размер на град,
контрадикцијата помеѓу динамиката на новата метропола и традиционалното урбано планирање доаѓа на виделина бидејќи таквото урбано планирање се уште функционира единствено со организирање на дводимензионални површини, а како што многу уметнички дисциплини ја надминале заситеноста од дводимензионални површини, за жал урбанизамот денес се уште работи во сферата на кубизамот. Па така, следно треба да се запрашаме која а таа форма која ќе го замени традиционалниот градски блок како новата урбана форма која има способност да биде агилна, флексибилна и во чекор со брзо трансформирачките состојби на актуелната урбана култура.

Вториот дел од интервјуто ќе биде објавено во продолжение