Институционална негрижа и приватен напад врз јавните површини од крајбрежјето на Охридското езеро.

Збор за новата метропола во дигиталната доба (ВТОР ДЕЛ)
февруари 27, 2019

Институционална негрижа и приватен напад врз јавните површини од крајбрежјето на Охридското езеро.

Подолго време, граѓаните на Струга, Охрид и локалните села, алармираат за состојбата во која се затекнати јавните површини на крајбрежјето на Охридското езеро. Станува збор за низа на случувања кои иако не се нужно поврзани, сепак предизвикуваат оправдана загриженост. Заедничко за овие случувања е тоа што сите, без исклучок, придонесуваат кон ограничување, деградација и оттуѓување на јавниот простор околу Охридското езеро.

Фотографијата е преземена од фб-страната на Охрид SOS.

Првиот случај кој предизвика бурни реакции беше изјавата на Премиерот Зоран Заев на владината трибина во Охрид – „Силна економија – шанса за сите“ во која тој јавно се обврза дека лично ќе се застапува за хотелот на Никола Толевски во Лагадин да ги добие потребните дозволи со цел да почне со работа.  Според активистите на граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ единствениот начин овој хотел да ги добие дозволите за работа е доколку се направат законски измени со носење на закон во урбанизмот што би бил lex specialis и кој би имал далекусежни негативни последици по однос на целата област.

Од друга страна локалните активисти се борат против изградбата и пуштањето во употреба на овој хотел веќе неколку години. Тие до сега организираа неколку блокади на патишта и протести со цел да се спротивстават на изградбата на оваа дивоградба. Може да се каже дека нивните напори забележаа успех кога на 25.02.2019 в.д. градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски потпиша решение за ништовност на одобрението за градба на спорниот хотел.  Од граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ наведуваат дека оваа градба мора да се отстрани поради тоа што со нејзината реализација се направени прекршувања на повеќе актуелни закони, меѓу кои:

 

Според горе наведеното, реакцијата на граѓаните на Охрид кон оваа изјава е целосно оправдана. Тие дополнително бараат јавно извинување и дополнително заземање за носење на одлука за отстранување на нелегалната градба. Под притисок на јавноста и по средба со членови на невладината организација „Стар Лагадин“ Премиерот Зоран Заев номинално ретерираше од својата позиција и соопшти дека одлуката на в.д. градоначалникот на Охрид треба да биде испочитувана.

Фотографијата е преземена од фб-страната на Охрид SOS.

Веднаш по случајот со хотелот во Лагадин охридските активисти се соочија со нов проблем. Овој пат, како предлог точка на дневен ред на февруарската седница на општинскиот совет се појави точка која според активистите предвидувала одлучување за легализација (вклопување) на бесправно изградените објекти во кампот Градиште. По бурната реакција на невладините организации, оваа предлог точка на набргу беше повлечена од страна на в.д. градоначалникот на Општина Охрид.

Последен, но и се уште актуелен случај, беше палењето на трска на езерското крајбрежје и тоа во појасот во правец од Струга кон Калишта. Поучени од претходни искуства, во кои палењата на трска на езерото скоро секогаш биле проследувани со градежни зафати, граѓаните оправдано се посомневаа дека и овој пат станува збор за градежни експанзии на приватниот капитал. Овој сомнеж дополнително беше поткрепен со фактот дека на истото место веќе утредента почнаа градежни работи од типот на тампонирање на парцели, поставување на бетонски огради и депонирање на градежен шут. Она што дополнително ги вознемири локалните граѓани е степенот на негрижа за вегетативниот и живиот свет на местата опфатени од пожарите. Притоа тие во своите реакции оправдано го поставија прашањето за тоа дали профитниот апетит на приватниот капитал и неактивноста на институциите имаат некаков морален праг?
Надлежните институции, од друга страна, до сега немаат преземено ништо за да го расчистат овој случај. На обвинувањата од страна на граѓаните дека Општината не презема ништо околу расчитување на овој случај и дека со тоа ја помага узурпацијата на јавниот простор градоначалникот на Струга Рамиз Мерко во изјава за медиумите го изјави следново: „Општина Струга демантира дека има врска со “узурпирањето” на градските плажи или палењето на трските. Напротив, ние како институција не ги подржуваме ваквите дела и ќе направиме сé што е во наша моќ за да ги спречиме истите. Нашата цел како општина е да помогнеме во развиењето на туризмот во Струга и воедно да создадеме можности за работа за нашите граѓани“.

Фотографијата е преземена од фб-страната на Охрид SOS.

Граѓаните на Општините Охрид и Струга очекуваат брзи и конкретни чекори од страна на локалните и државните институции во однос на овие, но и многу други „успани“ проблеми кои го засегаат јавниот простор, екосистемот на Охридското езеро, урбанистичкиот и општо културниот развој на градовите и локалните села од регионот.

 

Фотографијата е преземена од фб-страната на Охрид SOS.

Она што може да се заклучи од овие случаи е дека локалните, но и државните институции немаат механизми, а доколку имаат одбиваат да ги користат, за спротивставување на узурпацијата на јавниот простор од страна на приватниот капитал. Овие примери го прават експлицитен недостатокот на генерален консензус за конзервација и унапредување на природните, културните и социолошките богатства на целиот охридски регион, но и пошироко во државата. Консензус кој единствено ќе има потенцијал да го штити општиот интерес на граѓаните и природата и преку кој индивидуалната алчност ќе има голем проблем да пробие. Единствено ваквиот консензус би овозможил холистички, интегрален општествен пристап кон секој ваков поединечен проблем, а тој пристап пак, ќе го зголеми сензитивитетот на општата јавност и ќе придонесе кон нејзино вклучување  во решавањето на проблемите кои ги засегаат нив самите.