Модерна за деца 2

На 2 октомври Индија забранува одредени пластични продукти за една употреба
септември 24, 2019
Промовирана книгата Модерна за деца (2)
октомври 4, 2019

Модерна за деца 2

Да се биде граѓанин на една метропола е општествена одговорност од највисок степен, а тоа значи и негување и зачувување на јавниот и колективниот простор. Градот се учи да се сака уште од мали нозе и токму затоа нашите проекти кои ги активираат најмладите граѓани на Скопје, преку директна средба со културното архитектонско наследство на градот, ни се едни од најважните.

Оваа сезона ја одработивме втората работилница „Град за сите: модерна за деца“ каде малите креативци имаа можност да научат што е јавен простор, каков јавен простор генерираат зградите од модерната во Скопје и како да се грижиме за градителското наследство. Исклучително важно е младите генерации да ги дознаат и прошетаат овие квалитетни простори, да ги засакаат и понатаму да ги одржуваат и подобруваат.

Учесниците беа инспирирани од големите отворени и слободно простори, внатрешни градини, тремови, платоа и плоштади. Вештината на модерните архитекти да си играат со светлината, материјалот и тектониката на зградите се приметува во цртежите и колажите на децата учесници кои после секоја архитектонска прошетка имаа можност своите искуства да ги преточат на лист хартија, користејќи различни ликовни техники.

Тимот на „Плоштад Слобода“ изработи три архитектонски прошетки и три ликовни работилници во текот на месец април, 2019-та година. Целиот процес од оваа детска школа е документиран во најновата публикација „Град за сите: Модерна за деца 2.“ Промоција на книгата како и цртежите на учесниците ќе се одржи на почетокот од Октомври, во ателјето на Архитектонскиот Факултет – Скопје.