Одбиено барањето за издавање дозвола на рудникот Иловица

Борба за јавните простори во Општина Центар
јули 1, 2019
Препораките на УНЕСКО од перспектива на борбата за зачувување на заедничките добра
август 1, 2019

Одбиено барањето за издавање дозвола на рудникот Иловица

Министерството за економија на денешната седница на владата информираше дека се исполнети законските услови за донесување на решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово на „Еуромакс рисорсис“. Фирмата „Еуромакс Рисорсис“ има право на жалба во рок од 15 дена, но како што наведуваат активистите кои ги водат протестите против рудниците на смртта, оваа жалба би била неоснована и за 15 дена одлуката само ќе биде потврдена.

Оваа одлука на Владата на РСМ претставува голема победа за еколошките активисти од југоистокот, кои изминативе години неуморно се бореа против уништувањето на животната средина од страна на приватниот капитал. Тие последните 18 дена одржуваа блокади пред влезот на планираниот рудник Иловица, спречувајќи фирмите со своите вработени и машинерија да пристапат до самото место.

„Ова е огромна победа на граѓаните, локалните жители, активистите и претставува светол пример каде граѓаните во нерамноправна битка се избориле за своите права наспроти големи корпоративни интереси со огромни ресурси и логистика. Посебно им благодариме на локалните жители на Иловица и Штука, на сите граѓани во Струмичко, Југоистокот и цела држава, на активистите и еколошките организации од другите градови, на новинарите и на сите оние што не поддржуваа во оваа битка.

Постои и втора концесија која истекува во јануари 2020, за што ја охрабруваме Владата истото да го направи и со втората концесија. Ова е шанса за конечно да почнат да функционираат институциите во полза на граѓаните, а не само во полза на профитерските и безобзирни компании и поединци“ велат од Здрава Котлина.

Движењето за еколошка правда што изминативе години ја води борбата за чиста и здрава животна средина претставува вистинска инспирација за политичкиот активизам во РСМ од најмалку две причини. Од една страна поради неговата истрајност која не попушта пред предизвиците, а од друга страна поради неговата успешност, што за македонски услови е многу ретка.

Сепак, борбата за чиста и здрава животна средина не завршува овде. Напротив остануваат уште десетици рудници во југоисточна Македонија кои се во фаза на отварање, останува нерешен проблемот со огромното загадување на воздухот, со дивите депонии и тн. Гледајќи ја големата слика може да се каже дека ова е мала победа за екологијата во РСМ, но голема за граѓаните на југоистокот.

– Стефан В.