Повик за учество на работилница „Град за сите: Модерна за деца 2“

Институционална негрижа и приватен напад врз јавните површини од крајбрежјето на Охридското езеро.
март 15, 2019
Град за сите: Модерна за деца – прв викенд
април 8, 2019

Повик за учество на работилница „Град за сите: Модерна за деца 2“


Плоштад Слобода отвара повик за учество во работилницата „Град за сите; Модерна за деца 2“.
Работилницата, која ќе се одвива во период од 07.04.2019 до 21.04.2019 е отворена за сите деца:
– На возраст од 8 – 12 години
– Заинтересирани за архитектура, како и за одржување и зачувување на јавните и заеднички простори.
– Подготвени да поминат три викенди во работна и креативна атмосфера. 
– Заинтересирани да научат креативни вештини и истите да ги употребат во работилниците.
– Љубопитни да го запознаат градот поподробно. 

Работниците ќе бидат менторирани од страна на Доротеј Нешковски (визуелен уметник), Никола Ѓорѓиевски (архитект), Наташа Вчкова (архитект; фотограф), Гала Насева (аналогна фотографија), Стефан Видиков (дигитална фотографија).

Учеството во работилниците е бесплатно.

 

Повеќе за проектот:

Проектот има за цел да ги подучи најмладите граѓани на Скопје за важноста на архитектурата како наука, за моралните и општествените вредности кои таа ги носи со себе, како и за нејзиното влијание врз секојдневниот живот на граѓаните. Тој особено се фокусира на модерната, како еден од најзастапените архитектонски стилови во градот и која во голема мера го сочинува неговиот идентитет. Идејата на проектот е преку доближување на децата до објектите на модерната кај нив да се развие поголема свест за заедничките добра, за распоредувањето и споделувањето на заедничкиот простор, како и за должностите што како граѓани ги имаат кон него. Проектот не застанува само на едукативно ниво, туку дополнително го поттикнува креативниот дух на младите со тоа што во текот на работилниците тие ќе се подучуваат во уметнички вештини преку кои ќе ги изразат своите импресии од посетата на предвидените објекти. Во завршетокот на проектот предвидено е и печатење на публикација во која ќе бидат сумирани импресиите од работилниците и размислувања на теми релевантни за опфатот на проектот.

Цели на проектот:

– Запознавање на најмладите со архитектурата како наука, како и со нејзините морални и општествени вредности.
– Запознавање на младите со модерната како еден најзначајните и најзастапените архитектонски изрази.
– Развивање и проширување на креативната имагинација на најмладите.
– Запознавање на младите со уметнички форми на израз и потикнување да ги развијат своите уметнички капацитети.
– Зголемување на културната, граѓанската и етичката свест кај најмладите.
– Промоција на јавните простори во градот.

Повикот е отворен до 04.04.2019, односно до потполнување на максималниот број на учесници – 20 деца. 

Пријавување на: plostad.sloboda.skopje@gmail.com