Потребна е стратегија за целосно стопирање на рудниците на смртта

Препораките на УНЕСКО од перспектива на борбата за зачувување на заедничките добра
август 1, 2019
Дрисла
септември 3, 2019

Потребна е стратегија за целосно стопирање на рудниците на смртта

Се навршува скоро еден месец од истекувањето на законскиот рок за поднесување жалба кон решението на Владата за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово, на компанијата „Еуромакс рисорсис“. Компанијата засега нема јавен став по ова прашање и кон медиумите изјавува дека „се воздржува од било какви коментари“. Од Владата пак, претходно соопштија дека по истекот на рокот, „доколку се исполнети законските услови Министерството за економија ќе подготви предлог-одлука за едностран раскин на Договорот за концесија за експлоатација и ќе го достави до Владата“. Со оваа одлука ќе се означи една голема победа на еколошките активисти од југоистокот.

Но, покрај оваа победа, повторно останува отворено прашањето што ќе се случи со останатите рудници? Дали целосно ќе се стопираат политиките кои долгорочно ќе ја уништат животната средина? По однос на овие прашања Владата со ова решение прави решителен чекор во насока на зачувување на животната средина, но, од друга страна видливо е и отсуството на целосна стратегија за справување со севкупниот проблем околу потпишаните договори од страна на претходната Влада. Ова го прави овој чекор на Владата да се доживее и како популистички.

Основата на проблемот со кој се соочуваат граѓаните на југоистокот лежи во политиките за регионален развој на централната власт, донесени од претходната Влада. Во нив, во името на профитот на малкумина, е предвидена еколошка деградација на целиот регион. Овие политики беа дел од генералната економска политика за привлекување странски капитал во државата на тогашната Влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ. Помеѓу другото, тие предвидуваа доделување на концесии за геолошки испитувања и експлоатација на металични суровини на територија на целата држава.
Од стотици договори за детални геолошки истражувања и уште толку договори за концесии за експлоатација на рудни богатства денес само 14 се почнати со активности за отвoрање, односно се отворени. Најголемиот дел од нив се лоцирани во југоистичниот дел на државата. Од нив попознати за јавноста се гореспоменатиот „Еуромакс Рисорсис“ кој имаше добиено две концесии во Иловица – Штука за експлоатација на бакар и злато, „Булмак“ кој има добиено две концесии за експлоатација на олово и цинк во Злетово и во Тораница, „Легури“ од Скопје за експлоатација на манган во Стогово, во Велес (Гроот) за експлоатација на никел, во Лојани за анимон, во Тамјиште железо и тн.

Ваквите политики за регионален развој се директен судир со неколку работи. Меѓу нив е стратешката определба на државата (низ бројни документи) за развој на земјоделството во југоисточниот регион (регион кој поради географските, климатските и морфолошки услови е најпогоден за еколошко производство на земјоделски култури). Понатаму, неодминливо е тоа што овие политики директно го засегаат квалитетот на животот на граѓаните од регионот преку уништување на животната средина и долгорочно загадување на почвата и водата.
Граѓаните не останаа неми кон овие политики. Нивниот првичен револт тие го изразија преку протести во Гевгелија, Валандово, Дојран, Богданци, Босилово и тн. Кога овие протести немаа непосреден резултат, тие набргу се организираа во организации со сериозни капацитети (Спас за Валандово, Стоп за рудниците на смртта, Спас за Гевгелија и тн.). Кулминација на нивниот отпор беше организирањето на локални референдуми на кои тие го искажаа својот став за отворањето на најавените рудници. Референдуми се одржаа во Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран0. Мнозинството на граѓани, недвосмислено се произнесоа против отварањето на рудниците. По референдумите, а во контекст на изборите, власта даде низа на ветувања кон граѓаните. Меѓу нив беше ветувањето на премиерот Зоран Заев дека рудници во регионот нема да има.  Поддршката не застана и по изборите. Во борбата против рудниците се приклучија новите градоначалници на Валандово, Гевгелија, Дојран и Богданци.
Поради силната политичка мобилизација во 2017 имаше неколку позитивни чекори од институциите во насока на стопирање на работата на овие рудници. Меѓу нив најзначајна беше одлуката на Владата за одземање на концесијата за детални геолошки истражувања на Кожуф на концесионерот „Резервоар Минералс“. Додека во март 2018 година Владата му ја одзеде концесијата за експлоатација на злато, бакар и сребро во Казандол на „Сардич МЦ“. Во 2019год на 32-та седница на Собранието на РСМ  со 53 гласа за, 3 воздржани и еден против, по скратена постапка ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини. Со измените се предвидува да не може да се додели концесија за експлоатација
на минерални суровини за постапки со лужење или флотација на металични минерални суровини со цијаниди или со сулфурна киселина во рудници со отворен коп. Пред два месеца, Владата донесе решение за одбивање на барањето за издавање на дозвола за експлоатација на минерална суровина – бакар и злато на локалитетот „Иловица“, општина Босилово на компанијата „Еуромакс рисорсис“ и со тоа стави крај на
отварањето на овој рудник.
Од друга страна кај централната власт постои преќутна нерешителност и попустливост во однос на условите кои им се поставуваат на странските инвеститори. Тоа се согледува во тоа што инвестицијата на странскиот капитал во овие рудници е несразмерна во однос на профитот кој тие ќе го остварат од неа. Според едно истражување на Александар Јанев објавено во весникот Капитал, до 2018 година само 12 концесионери екплоатирале руда во вредност од 180,8 милиони евра. Од нив „само 4,95 милиони евра или 2,74% уплатиле во државната каса како надоместок за концесијата, додека пак, дури 38% им останале како профит, односно 68,9 милиони евра“. Што се однесува до работните места кои овие инвестиции требаше да ги создадат, тие се далеку под прагот кој инвеститорите го ветуваа. Поточно од претходно најавуваните 13.500 вработени, во овие рудници работат само 2.175 работници. Со ова, според горе наведената статија, додадената вредност што тие ја создаваат изнесува 108 милиони евра, односно уделот во БДП-то на рудниците за метални суровини изнедува само 1.3%, што ја уништува пропорцијата на економските отстапки кои им беа доделени. Дополнително штетата врз животната средина што од овие рудници ќе биде предизвикана е непроценлива и иреверзибилна.
Против волјата на граѓаните застана и Уставниот суд на РСМ во 2018 година со поништувањето на одлуките за распишување на референдум во општините по повод изјаснување околу рудниците. Овој став Уставниот суд го потпре врз аргументот дека овие одлуки се незаконски и неуставни бидејќи општината не е надлежна во давањето на концесии, па оттука не може да одлучува ниту за нивното одземање.
На крај, и покрај оваа одлука на Владата отворени остануваат многу прашања кои таа треба да ги одговори. Што ќе се случи со останатите концесии? Кои се генералните политики за заштита на животната средина? Како ќе се заштитат граѓаните на југоистокот?
Од друга страна останува предизвик и на самите активисти проблемот да го третираат интегрално како дел од севкупниот проблем со животната средина во РСМ. Тоа од една страна би го направиле доколку својата борба ја прошират со постоечката борба за чист воздух, за градско зеленило, питка вода и тн, а од друга страна доколку се вмрежат со останатите еколошки организации и иницијативи во државата со што нивната политичка моќ многукратно би се зголемила.

С.В.