Промовирана книгата Модерна за деца (2)

Модерна за деца 2
септември 30, 2019

Промовирана книгата Модерна за деца (2)

Синоќа во ателјето на Архитектонскиот факултет во Скопје беше промовирана книгата Модерна за деца 2. Книгата е последниот дел од истоимениот проект на Плоштад Слобода, целосно поддржан од Град Скопје и делумно од ИКС. Во неа се сумирани резултатите и искуствата од работните викенди во рамки на проектот оддржани во текот на оваа година. Поради темата, содржината и достапниот јазик на кој е напишана таа претставува вредно упатство за најмладите во нивното осознавање на основите и значењето на модерната архитектура.

Во самиот проект малите креативци имаа можност да научат што е јавен простор, каков јавен простор генерираат зградите од модерната во Скопје и како да се грижиме за градителското наследство. Исклучително важно е младите генерации да ги дознаат и прошетаат овие квалитетни простори, да ги засакаат и понатаму да ги одржуваат и подобруваат.

Во проектот, исто така, беше предизвикан и креативниот потенцијал на младите учесници. Инспирирани од големите отворени и слободно простори, внатрешни градини, тремови, платоа и плоштади, тие создаваа свои дела во рамки на работилниците кои пленеа со кретивни и решенија. Вештината на модерните архитекти да си играат со светлината, материјалот и тектониката на зградите се приметува во цртежите и колажите на децата учесници кои после секоја архитектонска прошетка имаа можност своите искуства да ги преточат на лист хартија, парче глина и парчиња стиропор, притоа користејќи различни ликовни техники.

Книгата која е наменета за најмладите, ќе се дистрибуира бесплатно.