Словенија преку Уставот го заштити правото на питка вода како едно од основните човекови права

Почнува меѓународната конференција „Fearless cities“ во Белград
јуни 7, 2019
Борба за јавните простори во Општина Центар
јули 1, 2019

Словенија преку Уставот го заштити правото на питка вода како едно од основните човекови права

Со 64 гласа за и ниту еден против од вкупно 90 пратеници со право на глас, словенечкото Собрание го додаде новиот член 70А во Уставот на државата, во кој експлицитно стои формулацијата: „секој има право на питка вода“. Со ова во Словенија правото на питка вода стана едно основните човекови права на граѓаните за кое државата од сега натаму презема одговорст да го штити. Главната импликација од оваа амандманска измена на Уставот е стопирањето на комерцијализацијата на питката вода. Во таа насока во уставниот член дополнително стои: „Водните ресурси претставуваат јавно добро кое што е управувано од државата. Водните ресурси, примарно и трајно се користат за снабдување на граѓаните со питка вода и домаќинства со вода и во таа насока тие не се пазарна стока.“

Премиерот на Словенија Миро Церар, кој доаѓа од левицата, промовирајќи го овој амандман истакна дека Словенија мора „да ја заштити водата – течното злато на 21-от век – на највисок правен начин“. Дополнително тој истакна дека „словенечката вода има многу висок квалитет, и токму поради нејзината вредност, во иднина таа сигурно ќе биде таргет на апетитот на странски држави и интернационални корпорации.“ Според него, штитејки ја преку Уставот, правото на питка вода во иднина никогаш нема да им биде ускратено на граѓаните. Десницата, која е во опозиција напротив, не го поддржа овој потфат и на собраниската седница одби да гласа.
Со овој чекор Словенија стана првата држава во Европската унија што правото на питка вода го смести во својот Устав. Инаку, на почетокот на оваа година Словенија беше прогласена за првата зелена дестинација во светот од страна на реномираната организација Зелени дестинации од Холандија, додека главниот град Љубљана, во 2016 беше прогласен за главен зелен град на Европа.

Напишал Стефан Видиков.