11 БИЛБОРДИ НА ОРЦЕ НИКОЛОВ, 6 НА ЛЕНИНОВА

ВАНГЕЛ БОЖИНОВСКИ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА “13-ти НОЕМВРИ”
ноември 3, 2016
ПРИРАЧНИК ЗА ЧИТАЊЕ ДУПОВИ
ноември 3, 2016

11 БИЛБОРДИ НА ОРЦЕ НИКОЛОВ, 6 НА ЛЕНИНОВА

Општина Центар е во процес да постави 24 билборди на најпрометните локации на малите преоптоварени улички низ Дебар Маало и Буњаковец. Некои од нив се веќе поставени, па граѓаните го кренаа гласот за нивно отстранување, а некои допрва треба да бидат поставени на јавни простори, тротоари, зелени површини.

Во програмата за поставување на билбордите што ја донел советот на општината за 2016-2026 година, покрај спомнатите на Орце Николов и Ленинова, предвидени се и три билборди кај кружниот тек во Дебар Маало, еден спроти кафулето “Кала”, два зад градежниот факултет, по еден кај слаткарницата “Апче” и Министерството за Култура.

Од 11-те билборди на Орце Николов, на потегот од Рузвелтова до Климент Охридски, некои се веќе поставени, а оние на раскрсницата со Ленинова ги натераа соседите со петиција да му се обратат на Жерновски за да ги отстрани. Два билборди се поставени во паркчето спроти “Наџак” и “Идадија”.

Нема да куртулат ниту тротоарите во Буњаковец. Кај холандската амбасада ќе се постават два билборди, еден на следната раскрсница и уште два кај седиштето на ЕВН на Ленинова, а и просторот спроти “Кала” ќе биде “разубавен” со билборд.
kruzen_tek_1000x600

Билбордите во многу градови низ светот се сметаат за “загадување” и смеат да се поставуваат само на одбрани локации (булевари, патишта, широки простори) бидејќи влијаат на безбедноста и протокот на сообраќајот, но и заради заштита на градското архитектонско наследство. Овие билборди низ малите скопски улици се насадени сред паркчиња, тротоари, рампи за точаци. Запоседнатите паркчиња кај кружниот тек во Дебар Маало и скулптурата “Јас и Ти” веќе ги кренаа револтот кај граѓаните, па Жерновски мораше да ветува дека ќе бидат отстранети.

Интересно е што ова окупирање на јавниот простор доаѓа по речиси небитна сума од само 9.500 евра годишен приход за општината. Во договорот што го склучила со фирмата “MEDIA CENTAR MARKETING”, предвиден е приход за општината од 100 денари за билборд метар квадратен месечно, плус комунална такса од 1600 денари по билборд годишно и трошоци за струја. Кога на ова ќе се додаде еднократниот надоместок што фирмата го платила за десетгодишниот период за поставување (922.000 денари), ќе се дојде до вкупен приход од 95.900 евра за десет години или 9.590 евра во буџетот на општината годишно.

orce_leninova_1000x600

Но, оваа политика на општината не е спорна само од тој аспект. Јавниот оглас за билбордите е распишан на 31.12.2015 и имал само седумдневен рок (вклучувајќи и неработни денови). Јавна расправа за билбордите во јавноста никогаш немаше, а тие не беа ни вклучени во ДУП-овите што општината ги претставуваше пред јавноста. Затоа што не се работи за јавна набавка, договорот не може да се најде на сајтот за јавни набавки и не и е достапен на јавноста, а од истата причина веројатно се и скратените рокови во огласот, тајноста на понудите и намалената транспарентност.

Градоначалникот Жерновски веќе се бранеше дека локациите на билбордите ги одредува Град Скопје, но програмата која што ја донел советот на општината минатата година ги има наведено локациите на кои веќе се поставуваат билбордите низ Дебар Маало и Буњаковец.