Контакт

ГРАД за Сите е проект на два фронта: 1. едукација на граѓаните за урбанистичката регулатива и читање на ДУП-ови 2. Теориска расправа за справувањето со Скопје 2014. Во првиот дел, Плоштад Слобода изработи и испечати прирачник за читање ДУП-ови кој што го претстави пред активисти за урбани простори во Скопје, Штип и Охрид. На работилниците се покрија теориските аспекти на просторното планирање, хиерархијата на плановите, читање на параметри во визуелен и текстуален дел, како и практична работа со примери на урбанистички планови. Прирачникот за читање на ДУП-ови можете да го најдете овде. Во вториот дел, Плоштад Слобода имаше за цел да отвори широка расправа за постоењето и иднината на проектот Скопје 2014. Рушење, дислокација, пренамена и преместување на центарот на градот се само некои од опциите кои беа дискутирани на трибината “Што да се прави со СК2014?”. Оваа трибина е само почеток на општествените дискусии за справување со последиците врз главниот град. Потребата за нивното решавање се наметнува со сепоизвесната промена на власта.
Фондацијата Хајнрих Бол е посветена на унапредување на демократијата и човековите права, зголемување на еднаквоста помеѓу жените и мажите, обезбедување мир преку превенција на конфликти во кризни региони и слободата на индивидуите наспроти претераната државна и економска моќ. Фондацијата одржува блиски односи со германската зелена партија и работи како тинк тенк за зелени визии и проекти. Во моментов, присутна е во околу 60 земји, со 30 свои канцеларии и работи во преку 100 партнерски проекти. Хајнрих Бол работи независно и одгледува дух на интелектуална отвореност. Мисијата на фондацијата е заложбата на Хајнрих Бол за политички ангажирани граѓани и инспирирањето на останатите да се приклучат. Хајнрих Бол е еден од најуспешните пост-воени автори во Германија и добитник на Нобеловата Награда за Литература во 1972. Регрутиран од Вермахтот во 1942, служел на дури четири фронта пред да биде повреден и заробен од сојузниците. По војната, имал плодна писателска кариера со многу освоени домашни и меѓународни награди. Со своите либерални погледи на религијата и државата во своите дела, Бол набрзо го привлекол гневот на црквата и конзервативците во Германија. Тој е еден од ретките автори кои не се плашел од соочување со колективната одговорност во војната, наспроти општиот молк и табуизација меѓу тогашните интелектуалци. Како претседател на германскиот, а подоцна и меѓународниот, П.Е.Н. клуб често патувал, а неговата критика кон капитализмот му донела голема популарност во тогашна Источна Европа.
Плоштад Слобода е организација за активизам, теорија и уметност формирана во 2010 година како реакција на уништувањето и менувањето на јавните простори од проектот Скопје 2014. Како одговор на националистичките, шовинистичките и етатистичките аспекти на проектот, Плоштад Слобода низ годините има организирано протести, јавни собири, трибини, работилници, изданија, пописи на зеленило, вело-тури, набљудување на избори... Примарен интерест јавни простори и заеднички добра, активимзмус, работи со Карпош 4, Штип, Дебар Маало, Охрид, Гевгелија Плоштад Слобода е основана на 6-ти јуни 2010 од Никола Наумоски, Ивана Драгшиќ, Павлина Симоноска, Дамјан Здравев, Марија Башеска, Соња Исмаил, Никола Гелевски, Марко Кабранов, Ирена Цветковиќ, Тања Малеска, Филип Јовановски, Нада Наумовска и Ива Галевска. Плоштад Слобода е основач на домашната асоцијација за независна култура “Јадро”, како и Регионалната платформа за култура “Кооператива”. Во својата историја организацијата има учествувано и во други формални и неформални иницијативи како “Мрежа 25”, “Граѓаните за Македонија”, Досега има соработувано со: ФООМ, УСАИД, Фридрих Еберт, Хајнрих Бол, ЕПИ/Хелсинши комитет и др.